Спасовски: Не очекувам одлагање на изборите

04.02.2020 12:31

Премиерот Оливер Спасовски очекува да биде постигнат договор околу спорните точки во текстот на предлог- законот за јавно обвинителство и да нема одложување на изборите, затоа што националните интереси се многу поважни од личните и политичките интереси на секој политичар. Носењето законски решенија е влог во иднината...

Да се постигне компромис, да се вложат максимални напори во дијалогот за носење на законските решенија за да не се загрози иднината на земјава- апелира премиерот Спасовски. Вели изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека е можно одложување на изборите доколку има блокада за донесување на Законот за јавното обвинителство е само став. Тој очекува да биде постигнат договор околу спорните точки во текстот на предлог- законот за јавно обвинителство и да нема одложување на изборите, затоа што националните интереси се многу поважни од личните и политичките интереси на секој политичар. Носењето законски решенија е влог во иднината, порача Спасовски при денешната посета на индустриската зона Визбегово.

„Јас очекувам дека нема да се случи одложување на изборите заради тоа што ќе надвладее разумот, дека националните интереси се многу поважни од какви било лични интереси и дека на крајот на краиштата секој од нас како политичари, пратеници итн., ќе сфатат дека носењето на законските решенија е влог во нашата иднина“, потенцира Спасовски.

Прашан дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да блокира со амандамни, премиерот Спасовски одговори дека сѐ е можно, заради тоа што смета дека таму не надвладуваат националните над партиските и личните интереси.

„Посакувам тоа да не е така, да не демантираат сите нас и да покажат дека иднината на оваа држава и на граѓаните се поважни од кој било партиски интерес или каков било друг интерес“, рече Спасовски.