Здравство

Во пораст бројот на заболени од карцином

04.02.2020 13:06

Ракот на дојка може да се победи – искуството го сподели една од пациентките кои повеќе од 12 години се борела со болеста. Секоја година осум милиони луѓе умираат од малигни заболувања. Од здружението „Борка“ велат според светските статистики бројката се намалува, но кај нас оди во нагорна линија...

Поминаа 12 години, а во нив 4 макотрпни операции за отстранување на карциномот, на ларингот, тироидата и гради, во 2016-та тој се врати, а јас пак, излегов победник во тешката битка, вели Николинка Котевска, која раскажува дека со голема верба и надеж, оваа лоша болест може да се победи.

Доживеала и мозочен удар, а откако и починал сопругот, исто така, од карцином, заболела и од шеќерна болест. Сепак вели, се чувствувам како здрава, способна и нормална мајка и баба која има силна желба за живот. Оваа болест е проклетник и тивок убиец кој не бира возраст, вели... Најважни се честите контролни прегледи за рано откривање, но и самоконтролите.

Секоја година околу 8 милиони луѓе умираат од малигни заболувања. Од здружението „Борка“ велат дека светските статистики одат во позитивен правец, за жал, во Македонија бројката на заболени оди во нагорна линија. Државава во Европа е на трето место по смртност од рак, а три до четири жени дневно заболуваат од карцином на дојка. Дваесетина ја губат битката со оваа болест.

Младите жени се повеќе покажуваат интерес за четиривалентната вакцина против ракот на грлото на матката, а за тоа е и показател намалената бројка на заболени во 2019-та година, покажува статистиката. Од ресорното министерство велат дека пациентите повеќе не плаќаат партиципација за лекувањето од карцином. Фондот дели и бесплатни ортопедски помагала, како градници за пациентките оперирани од карцином на градите.

Министерот Филипче тврди дека има нови лекови кои се оригинални и сертифицирани. Додава дека позитивната листа не била обновена повеќе од 10 години.

 

Александра Спировска