Напредокот во преговорите со ЕУ ќе зависи од реформите
Утре се очекува и официјално Европската комисија да ја обелодени новата методлогија. Темпото на преговори со земјата кандидат да зависи од спроведувањето на реформите, да има повторно отворање на веќе заврешни поглавја, односно суспендирање ако не се исполнуваат условите. Се очекува членките да ја усвојат на 24-ти март, на Советот за општи работи, два дена подоцна да се најде прашањето за отворањето на преговори со државава и со Албанија...

Во новата методологија што треба да ја објави Европската комисија се предвидува темпото на преговори на земјата- кандидатка да зависи од спроведувањето на реформите, при што може да има повторно отворање на затворени поглавја и во екстремни случаи преговорачкиот процес да се стави во мирување или да се суспендира. Кандидатките ќе се поттикнуваат со зголемена финансиска помош и инвестиции и поблиска интеграција со ЕУ во областите каде што има напредок.
„Она што ќе го предложиме утре е да се направи процесот на преговори повеќе кредибилен, попредвидлив и подинамичен. Наша цел не е да ја измениме политиката на проширување. Нема да предложиме менување на условите за придружување кон Европската унија. Овие услови веќе се многу јасно дефинирани“, изјави Ана Писонеро Фернандез, портпарол на Европска комисија.
Според првичните најави од еврокомесарот за проширување Вархеји, фокусот на новата методологија би требало да биде зајакнување на владеењето на правото, функционалноста на демократските институции и економски развој на земјите што почнале преговори.
Се очекува по претставувањето, земјите- членки на ЕУ до 24-ти март да ја усвојат новата методологија, за да може да се даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија на Советот за општи работи на 26-ти и 27-ми март.
Ирина Гелевска
