МЖ- Транспорт

Бојкот на машиновозачите, сообраќајот во прекин

04.02.2020 14:23

Железничкиот сообраќај е во прекин. Штрајкуваат машинвозачите. Бараат додатокот за квалитет да се покачи за 10 насто. Платите се навреме исплатени, коефициентот зголемен, железничарите да продолжат со работа- апелира министерот Сугарески...

Железничкиот сообраќај во прекин. Машиновозачите ја бојкотираат работата. Бараат зголемување на додатокот за квалитет за уште 10 насто или по речиси 1.500 денари од вработен. Велат, по изборите ќе побараат и зголемување на основната плата на машинскиот персонал на ниво на просечната во државава. 

Платите во МЖ- Транспорт се зголемени и навреме исплатени, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Апелира, железничарите да продолжат да работат за да не се зголемуваат долговите на претпријатието кон фирмите.

Незаконски е предизвикан прекин на работата, велат од раководството на МЖ- Транспорт. Одржани се повеќе состаноци, беше укажано дека побарувањата од машинскиот и извршниот персонал се надвор од финансиските можности на друштвото, наведуваат од претпријатието.

За месец декември вкупната нето плата со исплатен трошок за километар е во износ од 47.665 денари. Оттаму посочуваат дека ова е просек за сите машиновозачи и е далеку над просечната плата во земјава.

 

Сунчица Николоска