Скопје

Медицински отпад завршувал како обичен на Дрисла

04.02.2020 15:20

Необработен медицински отпад, несоодветно третиран, завршувал на депонијата Дрисла како обичен. Го растргнувале кучиња скитници, а остатоци со крв се слевале во канализациите и во Вардар. Град Скопје обелодени скандал...

Необработен медицински отпад без да се третира согласно протоколите завршувал во Дрисла. Град Скопје информираше за скандалозен случај, за којшто како доказ е објавено видео. Градоначалникот Шилегов појасни дека воопшто немало термичка обработка и стерилизација на отпадот што бил носен од Битола и од Прилеп, па истиот како обичен завршувал на депонија, а во меѓувреме го растргнувале кучиња и крвта завршувала во атмосферска канализација и во водите на Вардар.

Градоначалникот не знае колку време и колку често се случувало ова. Се сомнева оти сторителот, фирма која има лиценца за работа, се покрива со документација од друга институција.

Случајот во декември го открил градскиот инспекторат, по дојава од граѓани дека од кругот на фирмата во Скопје се шири непријатна реа. Веднаш било известено Јавното обвинителство.

Град Скопје го повика Министерството за животна средина да ја испита работата на компаниите кои имаат лиценца.

 

Марина Стојанова- Тонева