Варшава

Пендаровски- Дуда: Поголема соработка во економијата и одбраната

04.02.2020 15:50

Полска со поддршката за почнување на преговори на Европската унија со земјава. На средбата во Варшава претседателите Дуда и Пендаровски изразиле подготвеност за поголема соработка во економијата и одбраната...

Вратата на Европската унија треба да биде отворена за оние држави кои сакаат да припаѓаат на овој атрактивен проект, порача полскиот претседател Анджеј Дуда по средбата со македонскиот колега Стево Пендаровски. Ја потврдил поддршката што Полска ѝ ја дава на земјава за почнување на пристапните преговори со Унијата. Двајцата претседатели разговарале и за економската соработка.

„Би сакал полските претприемачи да инвестираат повеќе во Македонија. Тоа е пазар на кој не сме многу присутни и е пазар кој динамично се развива. За нашите претприемачи има големи перспективи на македонскиот пазар“, нагласи полскиот претседател Дуда.

И македонскиот претседател изрази подготвеност за зголемување на соработката од областа на економијата, науката, образованието и одбраната. Тој нагласи дека меѓу двете земји нема отворени прашања. Се заблагодари за брзата ратификација на протоколот за македонското пристапување во НАТО. Во однос на Шпанија, тој очекува протоколот да се ратификува во првите десет дена од март, а членството да се официјализира во април. Во однос на втората стратешка цел, членство во Европската унија, Пендаровски искажа оптимизам а пропо средбата со францускиот претседател Макерон во Ерусалим пред десетина дена.

„Во контекст на претстојните самити на Унијата - во месец март во Брисел и во мај, во Загреб. Разменивме мислења и информациии и за новата методологија за водење на пристапните преговори, како и за активностите што претходат на Европскиот совет во март. Оваа седмица треба да биде објавен и предлогот за новата преговарачка методологија, а за нас е клучно, час поскоро државите членки на Унијата да се усогласат за оваа методологија и пролетва да добиеме позитивни вести за нашата европска интеграција за време на хрватското претседателство со Европската Унија“, изјави претседателот Пендаровски.

Пендаровски истакна и дека многу се цени помошта на Полска во справувањето со мигрантската криза на и фактот што 1.000 полициски офицери од Полска беа и ќе бидат вклучени во европската помош на нашата полиција и армија за обезбедување на јужната граница.

 

Марија Котовска