Екологија

Под лупа дозволите за работа на сите фирми за управување со отпад

05.02.2020 16:16

Конечно управувањето со отпадот добива приоритет во политичката агенда. Ресорното министерство ќе ги ревидира дозволите за работа на сите фирми во овој бизнис. Обвинителството се занимава со работењето на Дрисла. Скандалот со несоодветната обработка на медицинскиот отпад што го откри Град Скопје повод за меѓупартиски обвинувања...

Битолската фирма „Еко клуб“ во текот на минатата година до Дрисла транспортирала речиси пет илјади килограми медицински отпад. Само вчера во оваа печката согорени се три контејнери од истата компанија. Откако градските власти објавија снимки во кои се гледа дека компанијата несоодветно постапувала со медицинскиот отпад, од Министерството за животна средина побарале вонреден инспекциски надзор во „Еко клуб“, но извештајот сѐ уште го анализираат.

„За ова бев информиран вчера. Детално ќе ги погледнеме сите наоди што ги направиле инспекторите и заедно со општнските инспектори ги охрабруваме сите надлежни институции, инспекцискиот совет, ЈО, како и сите засегнати страни да соработуваат за да ги најдеме оние решенија што ни се потребни“, изјави министерот Насер Нуредини.

Последниот теренски надзор во компанијата „Еко клуб“ инспекторатот го извршил на 12 декември, ден пред градот да поднесе пријава во обвинителството. Но, тогаш инспекторите констатирале дека „Еко клуб“ работи согласно законските прописи и издадени дозволи.

„Државниот инспекторат за животна средина на 12.12 кога има извршено инспекциски надзор вонреден нема констатирано никакви неправилности и затаоа нема превземено никакви мерки. Дали ги отстраиле тие неправилностите што ги утврдиле тие пред нас што биле или не, ние дента кога бевме таму немаше никакви неправилности“, вели Хисни Тачи, Државен инспекторат за животна средина.

Расфрлани игли, шприцеви, остатоци од крв кои се истекуваат од атмосферската канализација и се влеваат во Вардар. Колку време несоодветно се третирал медицинскиот отпад, градот нема информации. Шилегов вели дека повеќе од 50- тина дена чека Обвинителството да преземе мерки и побара да отвори истрага за случајот.

„Целиот овој случај го имавме на 10 декември 2019 година, на 13 декември во изјава целиот настан е пријавен во Јавното обвинителство. Градот не чекаше воопшто, а зошто нема преземено ништо, треба да се упатите кон ЈО“, изјави градоначалникот Шилегов.

Во земјава четири фирми имаат дозвола за собирање и транспорт на медицински отпад и според Инспекторатот редовно се прави контрола на нивното работење. Дрисла е единствената депонија во земјава која има концесија за негово согорување.

 

Андријана Атанасовска