Случај „Рекет“

Боки 13 има карцином, одбраната бара куќен притвор

06.02.2020 15:10

На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје за предметот „Рекет“ Обвинителството презентира приватна видео снимка дадена од пријавувачот Орце Камчев за рекет од првообвинетиот Бојан Јовановски, направена на 20-ти февруари 2019-та. Обвинтетите биле снимани со три камери, а во куќата на Камчев престојувале околу 35 минути. Си заминале со две торби полни со пари. По рочиштето адвокатот Дуковски презентира лекарски наод за влошена здравствена состојба на Јовановски за што бара преиначување на мерката...

На самиот почеток на рочиштето Јовановски и довикна на обвинителката Русковска: „Што ме гледаш, се смееш на малигнозна состојба, Господ нека ти врати.“ Неговиот бранител Дуковски по седницата покажа пред камерите наод за Јовановски за карцином на желудник и посочи дека од Советот ќе побара преиначување на мерката притвор во куќен притвор.

Близу 150 илјади евра на шопинг во Милано потрошил Бојан Јовановски со мајка му Јасмина само два дена откако е снимен како од домот на Камчев со Кичеец си заминуваат со две торби.

Тоа го покажаа такс фри потврдите приложени како доказ од Обвинителството. Презентирани беа и видео снимки направени од три камери во домот на Камчев на 20 февруари минатата година, каде се гледа доаѓањето на Милевски и Јовановски и нивното заминување. Зоран Кичеец носи торба Луј Витон, Бојан Јовановски црна торба. Како докази беа изведени и преписките од „Ватсап“ меѓу Боки и Камчев.

На 25-ти февруари Камчев му испратил скриншот од покани за „Империја“ и прашал „Покани? Нели завршија?“. Камчев му го испратил и правното мислење од Врховен суд што ги стопира истрагите на СЈО.

Потоа во март му испраќа проценка на дуќаните во Скопје што ги дал под гаранција: едниот на улица „Македонија“ од 1,8 милиони евра и 2,5 милиони евра за дуќанот во ГТЦ. Јовановски комуницирал и со Дејан Панделески кој му пишал дека има само 500 и дека подоцна ќе додаде. А имал преписки и со Ременски, таа во еден момент му пишува: „Го гледав Зоки во изјава за ТВ вели ќе има истрага“ на што Јовановски и одговорил: „Направи катастрофа“. Меѓу вештачените пораки и онаа во која Боки 13 и испраќа на Јанева прво фотографија од мебел, а потоа и напишал, „Одбра? Стигнати се?“.

Судењето „Рекет“ ќе продолжи со изведување докази од Обвинителството. Се очекува да бидат прикажани и оние снимки на кои, наводно, се гледа како обвинетите ги пребројуваат парите кои ги добиле од бизнисменот Камчев.

Фиљана Кока