Јавна расправа за Предлог- законот за Агенцијата за разузнавање
Во матичната собраниска Комисија за одбрана и безбедност, јавна расправа за Предлог- закон за Агенцијата за разузнавање. Првпат по 25 години во собраниска процедура е нов закон за Агенцијата, што треба да се донесе пред заокружување на процесот за полноправно членство на државата во НАТО, и важно е да биде усвоен по скратена постапка, смета предлагачот Хари Локвенец. Новиот закон ги заокружува реформите во безбедносниот систем на државата што официјално започнаа со донесувањето на Законот за Оперативно- техничката агенција, во април 2018-та година...
Наместо по редовна, Законот за Агенцијата за разузнавање ќе влезе во собраниска процедура по скратена постапка. Предлагачот Хари Локвенец од СДСМ ја потенцираше важноста за негово брзо донесување, како што рече, пред заокружување на процесот за полноправно членство на државата во НАТО.
Според ВМРО-ДПМНЕ, усвојувањето на Законот е потребно за да се комплетираат реформите во безбедносниот сектор, но како што рече Емил Димитриев, неприфатлив е начинот на кој парламентарното мнозинство тоа го предлага.
Од Агенцијата за разузнавање велат дека Законот ги подобрува и ги зајакнува професионалните стандарди: ја департизира Агенцијата, го подобрува менаџирањето. Се воведува местото заменик- директор, го регулира и прецизира начинот на извршување на задачите и употребата и контролата на методите и средствата на работа и овозможува подобра заштита на класифицираните информациите. На јавната расправа, професори и експерти со низа забелешки, токму за овие прашања.
Експертите во едно согласни- бидејќи новиот Закон за Агенцијата за разузнавање се носи по 25 години и поради новонастанатите промени во безбедносното опкружување на државата, потребно е итно и навремено реагирање на терен.
Марина Стојанова- Тонева
