Обвинителството ја продолжува предистрагата за случајот со медицинскиот отпад
Обвинителството се огласи за случајот што го отвори Град Скопје за несоодветно третиран медицински отпад. Оттаму велат дека со предистражната постапка се утврдени определени факти од значење за настанот. Се проверува и снимениот видео-материјал од мобилниот телефон на инспекторот. Градоначалникот Шилегов, пак, смета дека однесувањето на Обвинителството и на Државниот инспекторат за заштита на животната средина е целосно неприфатливо...
Основното Јавно обвинителство ја продолжува предистрагата за битолската компанијата „Еко клуб“ која се поврзува со скандалот за неправилно третиран медицински отпад што завршувал на Дрисла. Од градскиот инспектор кој ја поднесе кривичната пријава биле побарани видеоматеријалите што тој ги снимил, за да бидат обезбедени на законит начин. До Државниот инспекторат за животна средина е доставено барање за сите наоди од извршените проверки.
„Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка“- пишува во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Градоначалникот на Скопје упати силни критики кон институциите, особено за наредбата на Обвинителство, градскиот инспектор да ги достави видеоматеријалите, за кои Шилегов тврди дека повеќе не се во неговиот мобилен телефон.
„Да сум им јас претпоставен, ниту обвинителката ќе беше денеска обвинителка, ниту инспекторот денеска ќе беше инспектор“, рече градоначалникот Шилегов.
Градоначалникот Шлегов тврди дека Обвинителството 50 дена по поднесувањето на пријавата до градот не доставило никакво известување за случајот. Пратиле и допис во кој имало диск со снимките, но повторно немало реакција. Случајот беше јавно обелоденет пред три дена.
Андријана Атанасовска
