Собрание

Новата методологија на ЕУ пред Советот за евроинтеграции

10.02.2020 14:45

Нова методологија на Европската унија, пред Советот за евроинтеграции. Местото на Северна Македонија е во Европската унија, рече заменик-амбасадорот. ЕУ и земјите-членки треба да го направат тоа што го ветија, да ги отворат вратите за нашата земја. Ние мора да продолжиме со реализација на нашите стратегиски цели, смета вицепремиерот Османи...

Владеењето на правото ќе биде клучно за процесот на пристапни преговори со ЕУ. Со него ќе се почне и на крајот ќе се затворат преговорите, посочи заменик- шефот на делегацијата на Европската комисија во објаснувањето на новата методологија пред Националниот совет за евроинтеграција. ЕУ сака да се справи со иселувањето на граѓаните од Западниот Балкан без да го наруши принципот на слободно движење со создавање на поевропски држави со помал јаз во економскиот раст со земјите- членки на Унијата.

Првиот човек задолжен за евроинтеграции, Османи посочи дека земјава веќе има усвоено една третина од европските регулативи. И тоа во новите групи поглавја: основни 34 проценти, внатрешен економски пазар 19 проценти, конкурентност и раст 51 проценти, зелена агенда и одржлива поврзаност 56 проценти, ресурси и земјоделство 26 проценти и надворешни односи 15 проценти.

Од актуелниот претседавач со Националниот совет за евроинтеграција апел до новите парламентарци- помалку да бројат колку европски закони донеле, а повеќе да работат на нивно спроведување во пракса.

Заменикот шеф на Европската комисија повтори дека новата методологија ќе биде усвоена од земјите- членки до крајот на месецов, за да во март се донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија пред одржувањето на Самитот за Западниот Балкан во Загреб на 6-ти и 7-ми мај.

 

Ирина Гелевска