Собраниска седница за Законот за јавно обвинителство
Предлог- законот за јавно обвинителство на собраниска седница. Власта тврди- нема скриена амнестија, туку неселективна правда. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ обвинува- ова е насилничко однесување, се турка противуставно решение. Беса и Алијансата нема да гласаат зошто верзијата се разликувала од договореното...

Власта и опозицијата со спротивставени ставови за Предлог- законот за јавно обвинителство. Парламентарното мнозинство тврди - нема скриена амнестија за никого и секој за кого постои обвинение ќе одговара пред институциите. Координаторот на пратеничката група на СДСМ изјави дека законското решение ќе добие поддршка од најмалку 80 пратеници.
„Пред граѓаните ветивме правда, силна правна држава и независно судство. Овој Закон тоа го овозможува.Со законот се гарантира дека сите судски предмети кои произлегоа од СЈО ќе имаат правна завршница. Постапките за овие процеси ќе бидат професионални, фер, и базирани на докази“, изјави Јован Митрески од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ нема да го подржи законот. Според лидерот на партијата Христијан Мицкоски законското решение се турка на сила, на само два дена од распуштањето на Собранието. Вели дека целта е да се овозможи амнестија на поранешниот премиер Заев и неговите соработници.
„Станува збор за противуставен закон. Закон со кој ќе се спроведува селективна правда, односно неправда, каде прислушкуваните материјали нема да важат за Заев нему блиските соработници и слуги, но за други ќе важат“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Со реакција и партиите од албанскиот кампус.
„Тукушто стигна Законот за обвинителство. Треба да проверам дали се работи за истата верзија која синоќа ја договоривме и во која беа инкорпорирани нашите забелешки или има некакви измени во владиниот предлог, ако Законот е истиот само тогаш ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата за европски прашања и ќе има време да биде изгласан до планираното распуштање на 12-ти февруари“, изјави Артан Груби од ДУИ.
„Има драстични измени во членот 101 на законот, каде што се предвидува амнестија на инкриминирани и корумпирани. Нашиот став е јасен, нема да подржиме закон со кој се амнестираат криминалци“, изјави пратеникот Сурија Рушити од Алијансата за Албанците.
„Нема да го поддржиме предлог- законот за јавното обвинителство. Ова е друга верзија од тоа што го дебатиравме и анализиравме и со неа се прави една нова амнестија на сите тие високи политичари“, изјави пратеникот на Беса, Фадил Зендели.
Законот за јавно обвинителство влезе во собраниска процедура.
Марина Стојанова- Тонева
