Коронавирус

Тројцата македонски државјани на бродот во Јокохама се во добра здравствена состојба

10.02.2020 16:32

Тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Дајмонд Принцес“ кај Јокохама се во добра здравствена состојба. Министерството за надворешни работи остварило контакт со двајцата мажи и жена, кои се членови на екипажот. Крузерот е во карантин поради појавата на Коронавирус, кој досега е регистриран кај 130 патници...

Македонските државјани кои работат на бродот „Дајмонд Принцес“ се во добра здравствена состојба, информира МНР. Претставник на нашата амбасада во Токио контактирал со двајцата мажи и жената, членови на екипажот на крузерот кој една недела е во карантин поради заболени од Коронавирус. Информацијата доаѓа ден по апелот на мајката на Стефани Панова од Велес која преку МТВ побара државата да даде официјална информација за состојбата.

„Пред недела дена не скенираа, вели дека нема ништо. Ги молам од МНР да побараат дозвола од јапонската влада за да може да ги тестираат да се знае на што се децата и како се“, рече Марија Панова.

Семејството ја контактирало Стефани Панова синоќа, таа потврдила дека е добро и дека нашата амбасада се понудила за секаква помош. Но, од соопштението на МНР не може да се прочита прецизно дали тројцата биле тестирани од Коронавирус. Одговорот дојде од јапонскиот министер за здравство. Уште се разгледува опцијата да се тестираат сите на бродот пред да им се дозволи да го напуштат. Тој потврди дека пет од шестте новозаразени се работници во ресторани, барови и собари.

„Успеавме да обезбедиме само половина за оние на коишто им е најпотребно, и се трудиме да ги обезбедиме и останатите потребни лекови. На бродот има случаи со различни инфекции“, изјави Кацунобу Като, министер за здравство на Јапонија.

Според последните информации бројот на заразени со Коронавирус на крузерот закотвен во пристаништето во Јокохама се искачи на 130 луѓе. На него има 2.750 туристи кои ги опслужуваат 1.100 вработени и членови на екипажот. Меѓу нив и Стефани Панова која заминала на работа на бродот во ноември лани преку српска агенција за посредување. За евентуално враќање на троцата македонски државјани ќе се знае по истекот на карантинот на 19-ти месецов.

 

Душко Арсовски