Борби со малолетници: Ниту тепачите, ниту гледачите не се од Центар, МВР сѐ уште истражува

10.02.2020 16:52

По скандалот што ги објавивме, заедно со Институтот за комуникациски студии за борби со малолетници во скопски Капиштец, локалната самоуправа тврди дека ниту тепачите, ниту гледачите не се жители на Општина Центар. МВР сѐ уште истражува. Социолозите и психолозите со свое објаснување...

Ниту тепачите, ниту гледачите не биле жители на Општина Центар. Градоначалникот Богдановиќ со неговиот тим ги разгледал снимките на кои со боксерски ракавици се борат малолетници во Капиштец, а стотина млади и возрасни навиваат и констатирале дека не се работи за центарци.

Сепак, видеата биле аларм за општината да им укаже на учениците кои живеат на нејзината територија да не учествуваат на такви настани.

МВР и по 10 дена од пријавувањето на пресметка на малолетници во Капиштец, нема информации кој стои зад организираните борби.

Министерството за образование и наука, пак, на прашањето дали имаат детали и дали презеле нешто, писмено одговорија:

„За конкретниот случај кој го посочувате, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни истражни органи се веќе ангажирани околу неговото расветлување и пронаоѓање на организаторите и учесниците. Имајќи предвид дека согласно јавно објавените видеа, активноста се случува надвор од училиште и не за време на настава, МОН нема директна надлежност за постапување. Но, како што посочивме, во комуникација со останатите институции, локалните самоуправи и со самите училишта, активно работиме и ќе продолжиме да работиме со цел анулирање на појавите од овој тип на начини како што наложуваат правните прописи во земјата кои го регулираат доменот на нашето работење.“

Во дописот стои дека новиот Закон за основно образование во член 5 предвидува дека вработените во основните училишта се должни да промовираат еднаквост меѓу сите ученици и активно да се спротивставуваат на сите облици на дискриминација и насилство.

Кога системот не функционира, тогаш улицата си ја завршува работата. Социолозите објаснуваат дека нашето општество предолго е во фаза на транзиција и дека вредностите редовно се губат. Ова е само резултат на таквата состојба.

Психолозите велат дека ваквите чести случки се сигнал дека и на младите и на возрасните им е потребно празнење на тензиите и агресијата.

Според Зорба, од самите снимки се гледа дека настанот е организиран. Таа вели дека институциите мораат да истражат кој и за кои цели стои зад борбите на малолетниците.

 

Катерина Топалова