Пендаровски- Ди Мајо: Поддршка од Италија за ЕУ и НАТО

11.02.2020 11:07

Претседателот Пендаровски, денеска го прими Луиџи Ди Мајо, министер за надворешни работи на Република Италија...

Новата методологија за преговарање е прифатлива за земјава, со цел да имаме ефективен процес на пристапување, со мерливи резултати и конкретни придобивки за граѓаните. Клучно е што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за методологијата и Македонија да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Унијата, истакнал претседателот Пендаровски на денешната средба со шефот на италијанската дипломатија, Луиџи Ди Мајо.

Пендаровски и Ди Мајо констатирале дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба, како и одличен политички дијалог.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Пендаровски се заблагодарил за досегашната јасна и безрезервна поддршка, којашто во континуитет и ја дава Италија на земјава, во однос на нашите евроатлантски интеграции и се заблагодари за ратификувањето на Протоколот за членство во НАТО во италијанскиот парламент.

Двајцата соговорници на средбата разговарале и за економската соработка и инвестициите, како и за можностите истите во иднина да се интензивираат.