Османи и Јазбец потпишаа меморандум за развојна соработка меѓу Македонија и Словенија
Владата на Република Словенија ќе алоцира над два милиони евра неповратни средства, кои во најголем дел ќе бидат алоцирани за кофинансирање на инфраструктури проекти, и тоа во насока на обезбедување третман и подготовка на вода за пиење во неколку општини...

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и амбасадорот на Република Словенија во земјава, Милан Јазбец денес во Владата го потпишаа Меморандумот за меѓународен развој и соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Словенија за периодот 2020-2021 година.
„Оваа денешна формализација на развојната соработката за следниве две години претставува континуитет на долгогодишната поддршка која Република Словенија ѝ ја дава на Република Северна Македонија, и тоа уште од самиот почеток на процесот на европски интеграции на земјава“ - истакна Османи.
Владата на Република Словенија ќе алоцира над два милиони евра неповратни средства, кои во најголем дел ќе бидат алоцирани за кофинансирање на инфраструктури проекти, и тоа во насока на обезбедување третман и подготовка на вода за пиење во неколку општини. Секако, тука е и техничката поддршката за европските интеграции на земјава, како што е поддршката на Граѓанскиот сектор, на институциите задолжени за европските интеграции, со што Словенија, не само политички, туку и преку развојната помош цврсто застанува во поддршка на европската перспектива на земјава, додаде Османи.
На чинот на потпишувањето присуствуваа и Претседателот на Државниот Збор на Република Словенија Дејан Жидан, кој е во посета на земјава, како и премиерот Оливер Спасовски.
