Стразбур

Европратениците се заложија за проширување на ЕУ

11.02.2020 13:52

Европската комисија и европратениците уште еднаш се заложија за проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан на дебата на пленарната сесија на Европскиот парламент, каде се расправаше за новата методологија. Европскиот комесар Оливер Вархеји, очекува почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија пред самитот во Загреб...

Европската комисија и Европскиот парламент не попуштаат со притисокот врз земјите- членки на ЕУ, кога станува збор за проширувањето и почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

Европската комисија  преку комесарот Вархеји порача дека очекува Скопје и Тирана да добијат датум за почеток на преговорите за пристапување во Европската унија пред состанокот во Загреб во мај.

„Приоритет на оваа комисија е да се забрза напредокот на земјите од Западен Балкан, за реална перспектива за членство. Работиме на три патеки: новата методологија за преговори, почеток на преговори за членство Македонија и Албанија пред самитот во Загреб, и планот за економски развој на регионот. Ние сме убедени дека секое повторно одложување аа одредување датум за почеток на преговорите ќе ја доведе во прашање стабилноста на регионот“, изјави еврокомесарот Вархеји.

Во дебатата што следуваше европратеничката Кинга Гал ја пренесе позицијата на Европската народна партија, која  ги поддржа измените предложени од Комисијата и изрази надеж дека Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум пред мај.

Социјалистите и демократите, преку Тони Пицула  го поздравија предлогот на ЕК, што има за цел да се избегне натамошна стагнација во односите со Скопје и Тирана. Илхан Ќучук во името на групата Обновена Европа ги поддржа измените, но повика да не се дозволи нов неуспех.

„Точно е дека не можеме да даваме ветувања што не можеме да ги исполниме. Се надеваме дека овој пат нема да има изненадувања во последен момент“, рече европратеникот Илхан Ќучук.

Зелените ги поздравија промените предложени од ЕК. Единствено крајно десничарската група Идентитет и демократија, не ја поддржа ЕК и оцени дека предлозите се недоволни.

Но, главната порака е дека мнозинството во ЕП, како ЕК и најголем дел од земјите членки на ЕУ се за почеток на преговори со нашата земја и Албанија, останува да се убедат само неколку, меѓу кои и Франција.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ