НАТО

Шекеринска: Иднината на нашата татковина е обезбедена, заедно со нејзиниот суверенитет и интегритет

12.02.2020 12:44

За една година протоколот доби 28 ратификации, за кратко време нашето членство ќе биде заверено. Ќе бидеме дел од семејството, под безбедносен чадор кој штити една милијарда луѓе- вели министерката Шекеринска...

Една година по потпишувањето на Пристапниот протокол за членство во НАТО, 28 сојузници веќе го ратификуваа документот. По ратификацијата на протоколот и во Собранието, наскоро земјава ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО, истакна министерката за одбрана Шекеринска.

„Вчера Собранието го изгласа протоколот за ратификување на Северноатлантскиот договор, договор за наше пристапување кон НАТО алијансата. Иднината на нашата татковина е обезбедена, заедно со нејзиниот суверенитет и интегритет“, нагласи министерката за одбрана Шекеринска.

Очекувањата се дека Протоколот ќе биде ратификуван во парламентот на последната земја- членка Шпанија на почетокот на март, вели Шекеринска.

„Информациите од Шпанија говорат за првата половина на март. Тоа се собраниски работи, се работи за процедура која е малку покомплицирана од нашата собраниска процедура, но во моментов информациите укажуваат на тоа дека би можеле да очекуваме ратификација на почетокот од март и плановите кои што ги правиме, ги правиме врз основа на тоа“, изјави министерката Шекеринска.

Министерката за одбрана очекува Законот за одбрана што треба да ги дефинира обврските на земјава како членка на НАТО, со двотретинско мнозинство да се усвои од актуелниот пратенички состав како што беше случајот со гласање и за Законот за служба во Армијата.

 

Ирина Гелевска