ВМРО-ДПМНЕ: Џафери да закаже седница за распуштање на Собранието

12.02.2020 13:04

Пратеничката група поднесе предлог- одлука на 5-ти февруари. СДСМ и Заев поставуваат нови услови што не се поврзани со одржувањето на изборите- велат од партијата. Бараат Џафери да биде доследен на своите изјави и да закаже седница за распуштање на Парламентот.

ВМРО-ДПМНЕ бара спикерот Џафери денеска да закаже седница за распуштање на Собранието. Пратеничката група поднесе предлог- одлука на 5-ти февруари. СДСМ и Заев поставуваат нови услови што не се поврзани со одржувањето на изборите- велат од партијата. Бараат Џафери да биде доследен на своите изјави и да закаже седница за распуштање на Парламентот.

„Сведоци сме на обиди од страна на СДСМ и Зоран Заев да поставуваат некакви нови услови кои што не се воопшто поврзани со одржувањето на изборите.Сакаме да го потсетиме господинот Талат Џафери, дека токму тој кажа дека Собранието мора да се распушти на 12-ти февруари со што би се испочитувале роковите предвидени со законот и Уставот. Џафери беше дециден во своите изјави и напомена дека дури ако треба тој како пратеник ќе поднесе предлог за распуштање на 12-ти февруари“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Претседателот на Законодавниот дом останува на последната изјава дека краен рок за самораспуштање е 16-ти февруари, откако добил известување од Државната изборна комисија за роковите.