„Ковид-19“ - поголема закана од тероризмот
Речиси 100 лица починаа во едно деноноќие од Ковид-19, името на новиот коронавирус кој се прошири во 27 земји. Светската здравствена организација на самит во Женева, експертите во Хонгконг проверуваат дали заразата се пренесува и преку водоводната мрежа во станбените објекти...

Над 45.000 заразени, повеќе од 1.000 починати од коронавирусот што доби официјално име „Ковид-19“. Терминот е комбинација од англиските зборови за „корона“, „вирус“ и „болест“. Во последните 24 часа смртно настрадале 97 лица, а здравствените власти во Кина регистрирале нови 2.015 случаи на заболени. Светската здравствена организација предупреди - болеста може да биде поголема закана од тероризмот. За оваа проблематика се дебатира и на дводневниот самит во Женева.
„Вирусот може да има посериозни последици од која било терористичка акција. Тоа е вистината. Ако светот не сака да се разбуди и да го гледа овој вирус како непријател број 1, тогаш не сме ги научиле лекцииите. Мора да инвестираме во здравството, во подготовките“,изјави Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО.
„Докторите мора да можат да прават брза дијагноза, да ги идентификуваат заболените, да даваат соодветен одговор и да го имаат потребниот материјал, како што се готовите терапевтски протоколи во болниците. Ова е подготовка што ја следат министрите за здравство и тие соработуават со нас. 98% од случаите се во епицентарот на епидемијата, во Вухан и провинцијата Хубеј“, вели Марија Неира, директор на Одделот за јавно здравје, СЗО.
Коронавирусот е регистиран во 27 земји. Надвор од Кина има два смртни случаја. Илјадници луѓе сѐ уште се заглавени на два крузера. Едниот е во карантин во Јапонија, а другиот не доби дозвола за влез во Тајланд и три други земји иако кај патниците не било утврдено присуство на Ковид- 19.
„Условите се добри, се грижат за нас многу добро. Но како што гледате, седиме во мала кабина и тешко е. Ова е втора недела, а се чини како цела вечност“, изјави Сели Абел, патник на „Дајмонд принцес“.
„Луѓето се обесхрабруваат. Една жена плачеше цела вечер и сите не држеше будни. Животот станува потежок“, додава Дејвид Абел, патник на „Дајмонд принцес“.
„Сакаме да патуваме со крузери. Но овој пат бевме на погрешно место во погрешно време“, додава Сели.
„Да бидеме позитивни. Патувањето го продолживме за една недела“, вели Дејвид.
Во меѓувреме, неколку високи функционери во Кина се сменети поради неуспешните одлуки околу контролата на ширењето на болеста. Во очајна потрага по брзо решение за смртоносната зараза која веќе два месеца им создава агонија и на властите и на жителите на Кина, тим од Хонгконг сега спроведува истрага за да провери дали вирусот се пренесува и низ водоводните мрежи откако беа потврдени два случаја на инфицирани во иста станбена зграда.
Ова се случи во 2003 година за време на епидемијата со САРС кога во еден станбен блок со 300 заболени и 42 починати било утврдено дека заразата се проширила низ дефектен водоводен и канализациски систем.
Маја С. Филдишев
