Скопје очекува консензус во ЕУ за одлука за преговори пред Самитот во Загреб
Вицепремиерот за евроинтеграции Османи и министерот за надворешни работи Димитров во Париз на средби со претставници на француското МНР. Во фокусот новата методологија на ЕУ и нашите евроинтеграции...
Денешната посета на високите претствници на македонската влада на Париз се одвива во период на засилена дипломатска и државна активност, во врска со добивањето на одлука за почеток на пристапните преговори.
Северна Македонија очекува консензус меѓу земјите членки на ЕУ за одлука за отворање на пристапните преговори пред мајскиот Самит во Загреб, истакнале вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на средбата во Париз со Клеман Бон, дипломатски советник за Европа на францускиот претседател Емануел Макрон.
„Радува фактот што првичните впечатоци се дека новата методологија отвора можност за суштинско унапредување на процесот на преговори во секоја смисла, како од аспект на силната политичка контрола и водење на процесот, така и во смисла на неговата кредибилност, предвидливост и цврсто почитување на принципот на заслуги“, истакна Османи.
Министерот Димитров во таа насока подвлече: „Сакаме да бидеме пример за регионот во примената на новиот пристап. Одлуката за преговори означува почеток на еден динамичен и напорен процес. Северна Македонија нема да се штеди и е решена да го изоди тој пат“, рече тој.
Во рамки на посетата на Париз, Османи и Димитров имаа средби и со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, а ќе се сретнат и со претседателката на Комисијата за надворешна политика во Националното собрание, Мариел де Сарнез и со генералниот секретар за европски прашања при Владата на Франција, Сандрин Годен.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
