Здравство

14- годишно девојче прва жртва од сезонски грип

13.02.2020 14:40

Прва жртва од грип во земјава, прв случај на Коронавурис кај македонски државјанин на крузерот „Дајмонд Принцес“ во Јапонија. Здравствените власти информираат дека на Детската клиника починало 14- годишно девојче. Заболениот на бродот, пак е хоспитализран во болница во Јокохама, а состојбата му е стабилна...

Прва жртва од грип во земјава. Поради компликации од вирусот почина 14- годишно девојче на Детската клиника. Освен грипот, детето имало и други заболувања. За една недела се регистрирани речиси 3.700 заболени од сезонски грип. Меѓу нив има и потешки случаи.

„Оваа недела како и изминатата, грипот се преместува и од најмладите од возраст од 0 до 4 години сега се преселува кај децата кои се на училишна возраст, односно од 5 до 19 години. Затворање на училиштата и не само на училиштата и на разни други институции каде имаме групирање на население од различни возрасни категории е една од мерките која е на располагање на јавно здравствените авторитети. Меѓутоа засега не е донесена таква мерка, што не значи дека во иднина нема да има потреба да се донесе“, изјави д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институот за јавно здравје.

Здравствените власти информираа дека македонски државјанин на крузерот „Дајмонд Принцес“ во Јапонија заболел од коронавирус. Хоспитализран е во болница во Јокохама, а состојбата му е стабилна. Лекарите кај него констатирале блага форма на болеста. На, крузерот во карантин има уште двајца други Македонци, според информациите на здравствените власти досега не пријавиле симптоми кои можат да укажат на присуство на коронавирусот.

„Еден од нашите граѓани е тестиран и е позитивен, се работи за блага форма на заболување, меѓутоа со оглед на рутинските процедури овој наш граѓанин е транспортиран во болница во Јокохама и во моментов е таму на лекување“, изјави д-р Кузмановска.

Речиси 220 патници на крузерот во Јокохама заболеа од коронавирус, неколку повозрасни пациенти се во потешка состојба. Карантинот согласно со препораките на СЗО треба да заврши на 19-ти февруари. Дополнително ќе се утврди како ќе се постапува ако на последниот ден се појави нов случај. По завршувањето на карантинот и лекувањето на македонскиот државјанин, амбасадата во Токио ќе даде поддршка за нивно враќање дома или продолжување на работата на бродот, велат од МНР.

 

Андријана Атанасовска