Антикорупциска ќе го следи и ќе го санкционира секое прекршување на Изборниот законик

13.02.2020 14:50

Антикорупциска заедно со граѓански институции ќе го следи и ќе го санкционира секое прекршување на Изборниот законик. Од таму велат дека иако не е противзаконски, објавувањето на огласи за вработување во државни институции непосредно пред распишувањето на изборите не е добро...

Објавувањето огласи за вработување во државните институции непосредно пред распишувањето на изборите не е добро, иако не е спротивно на законот, велат во Државната комисија за спречување на корупцијата. Ги повикаа сите инсититуции- активностите поврзани со вработувањата да запрат, за да не се влијае врз избирачкото тело и да не се оневозможува организирањето фер и чисти избори.

Антикорупциска најави дека во соработка со низа граѓански институции ќе го следи и санкционира секое прекршување на Изборниот законик. Ќе се следат и трошоците за изборните кампањи, како што се и превозот и рекламните материјали или емитувања. Ќе се бараат санкции и за прекршувањата на сите забрани кои стапуваат на сила од денот на донесување на одлуката за распишување избори до денот на завршување на изборот на пратеници и членовите на влада.

Меѓудругото, забрането ќе биде и почнувањето изградба на инфраструктурни објекти и објекти за општествена дејност со буџетски средства, како и исплата на плати, надоместоци или социјална помош кои не спаѓаат во категоријата редовни месечни исплати.

Од Комисијата нагласија дека за време на избори е забрането почнување на постапка за вработување на нови лица или престанок на работен однос во државни и јавни институции. Забраната се однесува и на користење на канцелариски простор, опрема и службени возила на државните органи.

 

Марија Котовска