Три деца во потешка состојба поради компликации од грип
Три деца се во потешка состојба, поради компликации од сезонскиот грип. Покрај грипот, имаат и други болести, информира директорката на Клиниката за детски болести. Ниту едно од децата не е на апарати за дишење. Поради грипот, уште 14 други пациенти се под надзор на медицинските тимови на Детската клиника...
Полни се болничките одделенија на Инфективната клиника. Таму се лекуваат 38 пациенти поради компликации од сезонскиот грип. Двајца се на апарати за дишење.
На детската клиника пак, три деца се во потешка состојба. Имаат и други заболувања, а грипот дополнително им ја влошил здравствената состојба. Ниту едно не е на апарати за дишење. Медицинските тимови на оваа клиника ја следат состојбата на уште 14 други пациенти со грип.
„Сите пациенти не се со компликации. Има две деца хоспитализирани со потешка форма на бронхопневмонија, понекогаш децата имаат миозит, болки во зглобовите, во мускулите, во коските. Има и едно дете со докажан енцефалит. Како што знаете од вчерашните информации едно дете со хронична болест со енцефалопатија и церебрална парализа егзитираше со пневмонија како компликација од грипот“, изјави д-р Наташа Алуловска, директор на Клиниката за детски болести.
Според епидемиолозите овој период вирусот најмногу се шири меѓу школската популација. Засега здравствените власти немаат донесено мерка за затворање на училиштата.
Грипот ја зема и првата жртва, пред два дена поради компликации почина 14 годишно девојче. За една недела речиси 3.700 граѓани заболеле од грип – покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
Андријана Атанасовска
