Тензична атмосфера на седницата за Законот за јавно обвинителство
Жестоки обвинувања и меѓусебни навреди на собраниската седница за Предлог- законот за јавно обвинителство. Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ побара од говорницата да пушти аудио снимка, спикерот Џафери не дозволи. Министерката Дескоска го обвини дека го опструира носењето на законот...
Собраниско „Монти Пајтон шоу“ на седницата за Законот за јавно обвинителство. Неколку паузи, но и меѓупартиски обвинувања за кој бега, а кој е за избори. Во првиот дел од расправата пратениците збореа за сѐ, а најмалку за законот.
Министерката за правда Дескоска не почуствува за потребно да го образложи законот, но во реплика рече дека кај пратениците од опозицијата гледа паника и страв и обид да се опструира носењето на законот.
Спикерот Џафери на Антонио Милошоски не му дозволи да емитува нова аудио снимка, на што пратеникот само појасни дека во снимениот материјал станува збор за вмешаноста на екс-премиерот во аферата Рекет. Милошоски се осврна и на тендерите кои како што рече, Крсто Мукоски ги добива од власта за да гласа за законите, на што реплицираше Мукоски: ВМРО-ДПМНЕ е заложник на 2- 3 криминалци.
ДУИ преку Артан Груби обелодени дека ги подржува и ќе гласа за сите закони кои ќе бидат на дневен ред на Собранието до распуштањето. Груби дециден дека нема проблеми во функционирањето на коалицијата со СДСМ, а Фејсбук препукувањата ги оквалификува како недоволна меѓусебна координација.
Миле Ристески
