Да се почитуваат заштитните мерки против Африканската свинска чума
Повторно вклучен алармот за појава на добиточната болест Африканска свинска чима. Нов случај е пријавен во Грција на фарма со 30-ина свињи. Болеста е регистрирана и во Бугарија и во Србија. Агенцијата за храна и ветеринаство ги активира препораките и заштитните мерки за спречување нејзино појавување и во нашава земја. Останува на сила забраната за внесување на месо на граничните премини...
Сѐ уште постои опасност од појава на добиточната болест „Африканска свинска чума“. Ново жариште е потврдено во регионот на Серес, Грција, а минатиот месец и во Бугарија во реонот на Благоевград, по што Агенцијата за храна и ветеринарство препорачува да се спроведуваат мерките за заштита и спречување на проширување на болеста кај нас.
Сточарите треба задолжително да ги чуваат животните затворени во одгледувалиштата и да ја засилат контролата на пристапот на други лица на фармите.
Болеста од која заболуваат домашните и дивите свињи, не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби. Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Смртноста кај домашните свињи може да достигне и до 100 проценти.
За секое движење надвор од фармите или транспорт, животните треба да имаат валиден сертификат за нивната здравствена состојба. За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.
Методија Трајков
