Брисел

Средба Спасовски- Сасоли, евроинтеграцијата во фокус

18.02.2020 12:43

Премиерот Оливер Спасовски во брисел се сретна со претседателот на Европскиот парламент Сасоли. На средбата било разговарано за евроинтеграцијата на земјава. Според агендата, премиерот ќе има средба и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг...

Евроинтеграцијата тема на средбата на премиерот Оливер Спасовски со претседателот на Европскиот парламент Сасоли во Брисел. На средбата било разговарано за можноста за почеток на пристапните преговори по усвојувањето на новата методологија и вонредниот извештај за напредокот на земјава од Европската комисија што се очекува во почетокот на март.

Претседателот Сасоли и премиерот Спасовски се согласиле дека успешните реформи и новата методологија се важни чекори кон скорешно отпочнување на преговорите за членство. Таа цел е заедничка на сите европски институции и најголем дел од државите членки на ЕУ, било констатирано на средбата.

Претседателот на Европскиот парламент истакнал дека Западен Балкан е стратегиски регион за ЕУ и дека Европскиот парламент ќе даде свој придонес за поддршка на Западен Балкан на самитот во Загреб.

Спасовски ќе има прва посета и на седиштето на НАТО во Брисел, каде ќе се сретне со генералниот секретар Јенс Столтенберг. Се очекува во фокус на разговорите да биде процесот на ратификација на пристапниот протокол за НАТО и неговото завршување со ратификација во Шпанскиот парламент, по што земјава ќе стане полноправна членка на Алијансата.

 

Ирина Гелевска