Економија

Коронавирусот се заканува на туризмот

18.02.2020 15:56

До април откажани сите аранжмани со кинески туристи во земјава. Надлежните убедуваат- Коронавирусот нема да има значителен негативен ефект врз претстојната сезона...

Кинеските туристи ги откажаа аранжманите во земјава. Туроператорите најавиле- поради коронавирусот до април ги повлекуваат пакет- програмите и договорите со сместувачките капацитети. Надлежните пак убедуваат, македонскиот туризам нема да биде значително погоден, нивниот удел не е на високо ниво. Кинезите вообичаено остануваат две до три ноќи и се дел од кружните регионални тури- велат од Агенцијата за поддршка на туризмот.

Ние сме единствената земја во регионот која има визен режим за кинески гости. Во земјава влегуваат со Шенген. Ова ги пишмани да доаѓаат во поголем број и на подолг период, велат туристичките работници. Откажувањето на аранжманите доаѓа во услови на иницијатива за негово повлекување.

Познати се како слободни минувачи, прават кружни тури низ регионот, ретко се задржуваат во една земја повеќе денови. Лани земјава ја посетиле речиси 13.700 кинески туристи. Оствариле над 20 илјади ноќевања. Секоја година доаѓаа во се поголем број.

За туроператорите ситуацијата е загрижувачка, финансиските загуби се неизбежни, велат долго ќе му треба на туристичкиот пазар на Балканот да се врати во кондиција.

 

Сузана Фиданска- Стоевска