Објавен оглас за инвеститор за ХЕЦ Чебрен
Тендерот трае до 3-ти април годинава, а изборот на инвеститорот ќе се знае до крајот на годината.
ЕСМ објави меѓународен јавен повик за јавно- приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен. Изградбата според планот треба да чини над 570 милиони евра. Концесијата за вода ќе биде 60 години. Тендерот трае до 3-ти април годинава, а изборот на инвеститорот ќе се знае до крајот на годината.
Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски истакна дека Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата за спроведување на овој голем проект во дело.
„Хидроелектраната ќе има инсталирана моќност од 333 мегавати и годишно производство од 1000 гигавати електрична енергија. Наша обврска е изградбата на пристапниот пат до хидроцентралата и потоа приклучокот, односно трафостаницата. Како наш удел во новата заедничка компанија со приватниот партнер ќе биде внесена ХЕЦ Тиквеш, која е на истиот слив, односно на Црна Река и единствено можно е двете хидроцентрали, Чебрен и Тиквеш да функционираат во една целина бидејќи зафаќаат вода од исто течение и си влијаат една на друга“, информираше Ковачевски.
Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, директорот на ЕСМ изрази оптимизам дека Чебрен ќе овозможи во иднина да сe намалува производството на електрична енергија од јаглен, и постепено да се замени со производството од оваа голема хидроелектрана.
Тековните испитувања на пазарот на компании, спроведено од страна на Меѓународната финансиска корпорација, која е дел од Светска Банка, покажале дека сериозни компании од регионот и Европа се заинтересирани за изградба на Чебрен.
