Случај „27-ми април“

Судењето за организаторите на собраниските настани одложено за 26-ти февруари

21.02.2020 12:39

За да ѝ се овозможи на одбраната увид во доказите кои не им биле доставени, Кривичниот суд реши судењето за организаторите на насилството во Собранието од 27-ми април да се одложи и да почне на 26-ти февруари. Одбраната тврди дека обвинението е на стаклени нозе, додека обвинителката Русковска смета дека ова е обид на одбраната за одолговлекување на постапката...

Судењето за организаторите на настаните во Собранието на 27-ми април ќе почне на 26-ти месецов. Судот реши да ѝ овозможи на одбраната на обвинетите да изврши увид во доказите кои не им биле доставени, а кои биле во стариот предмет во Апелацискиот суд. Без овие докази, образложија нивните бранители, обвинетите не би можеле да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не. Обвинителката Русковска оценува- има обиди за одолговлекување на постапката, зашто сите докази им се доставени на обвинетите.

Обвинението е на стаклени нозе, посочи Апостолски, бранител на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тој наведе дека меѓу нивните сведоци има вработени во Управата и дека имаат докази со кои се потврдува дека зад случувањата на таканаречениот „крвав“ четврток стојат други лица и нарачатели.

Според ОЈО, обвинетите екс- спикерот на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Тие на почетокот на 2017-та подготвиле и реализирале план со намера да оневозможат мирно примопредавање на власта, пишува во обвинителниот акт. Затоа ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести, најпрвин пред Државната изборна комисија, а потоа и протестите на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со насилното влегување во Собранието на 27-ми април.

Како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите, се додава во обвинителниот акт.  

 

Фиљана Кока