Караџовски: Двајца работници од Кина кои влегоа во државава немаат Ковид-19, но ќе поминат 14 дена во карантин
Две лица од Кина кои се работно ангажирани од во земјава, а кои вчера пристигнаа, немаат симптоми на коронавирус, велат здравствените власти. Сепак, ставени се во дополнителна изолација од 14 дена...
Од Кина пристигнале двајца работници што работат на проекти во земјава. Пред да дојдат биле во 14 дневен задолжителен карантин при што не пројавиле никакви симптоми на коронавирусот. Сега ќе бидат во дополнителна излолација од 14 дена во Извор, кичевско, соопштија здравствените власти.
Со заштитна опрема заедно со двајца лаборанти од Одделението за вирусологија ги пречекавме двете лица на аеродромот во Скопје. Постапивме согласно сите критериуми за спроведување епидемиолошки надзор. Разговаравме за нивната здравствена состојба. Согласно протоколите, двете лица се ставени под здравствен надзор од 14 дена во соба, во соодветна барака за изолација во кичевското село Извор, изјави епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Тој посочи дека сите лица кои ќе пристигнуваат од Кина, ќе бидат спроведени во соба за изолација и ќе им се земат соодветни материјали за микробиолошки анализи и брисеви, врз основа на кои ќе се дијагностицира евентуално присуство на коронавирус и ќе бидат поставени во 14-дневен надзор согласно законските регулативи и прописи.
