Брисел

Сасоли: Предлог- буџетот на ЕУ неприфатлив за ЕП

21.02.2020 13:01

Различни гледања на предложениот буџет на Европската унија во Европскиот парламент. Со излегувањето на Велика Британија, буџетот ќе биде покус за 11 милијарди евра годишно и ќе треба да се најдат нови извори на средства или, пак, да се намалат субвенциите од заедничката каса...

Буџетот на Европската унија за периодот од 2021 до 2027 година е неприфатлив за Европскиот парламент, изјави претседателот на парламентот Сасоли по состанокот на шефовите на држави и влади во Брисел. Предлогот, што достигна 1,1 трилион евра има сериозни кратења и финансирање и нема да ги реши проблемите на Унијата, додаде европскиот спикер.

„Ставот на Собранието е јасен: предложениот буџет е неприфатлив и нема да се гласа „за“. Јас бев многу јасен. Секако чекаме позитивен исход од работата на Советот и се надеваме дека испорачувањето е во согласност со амбициите на Европската унија“, рече Давид Сасоли, претседател на Еевропскиот парламент.

Од 2021 година, буџетот на ЕУ ќе загуби 11 милијарди евра годишни исплати како резултат на излегувањето на Велика Британија, која беше втора земја нето донатор по Германија. Лидерите на ЕУ треба да решат колку ќе се зголемат плаќањата на донаторите и колку ќе се намалат субвенциите на државите приматели на средства од Европските фондови за седумгодишниот период.

Дел од лидерите сметаат дека ќе биде потребен уште еден самит во март бидејќи сега нема да се постигне договор за долгорочен буџет.

„Не мислам дека ќе постигнеме договор. Дали е потребен друг самит во март, веројатно да, но тоа не е моја одлука“, вели Мете Фредериксен, премиерка на Данска.

Претходно, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел предложи буџет со кој се намалуваат дел од тековните трошења. Тој предложи да се надмине буџетскиот јаз со воведување нови даноци за европските граѓани со што се согласува и Европската комисија.

Мишел предлага да се зголемат расходите за дигитализација, безбедност и одбрана, гранична заштита и европските претставници. Се предлага да се ограничат фондовите за земјоделство, за рурален развој и за директни плаќања на земјоделците, како и претпретпристапните фондови.

Марина Ристова