Милошоски ја предаде аудиоснимката што ја објави на пресконференција
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски во Обвинителството за организиран криминал и корупција ја предаде аудио снимката што ја објави на прес конференција. Вели, и на средбата со обвинителката Рускоска го потврдил ставот дека е доставена од анонимен укажувач. Од СДСМ велат, со овие снимки нема простор за компромитација на лидерот Зоран Заев и партијата...
Антонијо Милошоски ги предаде материјалите на обвинителката Вилма Рускоска, на кои како што тврди тој, се слуша гласот на експремиерот Заев, како носел одлуки во име на Врховниот суд и на СЈО, поточно се договарал со Катица Јанева и Јово Вангеловски. Она што го поседував како транскрипти и аудиоснимки поврзани со поранешниот премиер Заев каде што експлицитно се слуша неговиот глас и разговара за влијание во обвинителството и судството, го предадов во обвинителството, вели Милошоски.
Милошоски вели дека втората аудиоснимка ја добил од анонимен свиркач, тврди дека сѐ што имал предал во Обвинителството. Од СДСМ велат дека Милошоски продуцира лажни вести и шири паника зашто е исплашен од кривични дела кои што ги сторил во минатото, а кои се процесуирани во обвинителството. Според социјалдемократите, со овие снимки нема простор за компромитација на лидерот Зоран Заев и на самата партија СДСМ, зашто сега може легитимно сите материјали да се предаваат во Јавното обвинителство.
Пред една недела во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на негово барање, Милошоски го достави првиот аудиоматеријал за кој, како што соопштија од Обвинителството, по преслушувањето и анализа на истиот, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно користење на материјалот.
Игор Панов
