Клуге: Северна Македонија ги спроведува препораките на СЗО, нема потреба за паника
Заедно со помош на СЗО беше направена проценка на капацитетите, не само на човечките ресурси, туку и на инфраструктура. Секој ден се комуницира со граѓаните и тоа двапати дневно, постојат установи кои се на располагање и се подготвени за евентуален прием на пациенти- вели регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, д-р Ханс Клуге...
Нема потреба за паника, државата ги спроведува препораките на СЗО, изјави денеска регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, д-р Ханс Клуге, на Вториот национален форум за здравје.
„Здравствените власти и Владата ги спроведуваат препораките од Светската здравствена организација. Дури и пред да се јави вчерашниот прв случај со корона беше формиран мултисекторски комитет за итни ситуации под директно раководство на премиерот. Заедно со помош на СЗО беше направена проценка на капацитетите, не само на човечките ресурси, туку и на инфраструктура. Секој ден се комуницира со граѓаните и тоа двапати дневно, постојат установи кои се на располагање и се подготвени за евентуален прием на пациенти. Исто така, во делот на превентивата вклучени се и 10-те регионални центри за јавно здравје“, истакна д-р Ханс Клуге.
Тој порача дека нема потреба за тревога и за паника. Се работи за нов вирус, и да не се заборави дека во различни делови на европскиот регион на СЗО секоја година од сезонски грип умираат меѓу 60 илјади и 65 илјади лица. Упати совет до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од заразни болести.
Инаку, на светско ниво има 81.104 случаи со коронавирус, во 46 држави, од кои 20 земји се во рамки на Европскиот регион на СЗО во кој вкупно има 53 земји.
