Патниците од комбето се во домашна изолација, контактирале само со семејствата
Сопатниците од комбито со кое патувала скопјанката инфицирана со коронавирус, остануваат во домашна изолација. Контактирале само со семејствата. Хоспитализираната пациентка на Инфективна нема компликации поради вирусот, и се лекува во изолација. Тестирањата на двата сомнителни случаja на Ковид-19 се негативни, соопштија здравствените власти...
Деветтемина патници кои биле во комбито со 50- годишната Македонка заразена со Ковид- 19 немале контакти со повеќе луѓе, освен со семејствата. Тие се во соодветна домашна изолација, вели министерот за здравство Филипче. Пациентката која се лекува на Инфективната клиника има лесна клиничка слика, нема знаци за компликации и се лекува во Одделот за изолација.
„Сите патници од комбето се во изолација. Добро е тоа што комуницирале во рамките на семејствата. Местото за изолација ќе се утврди во координација со припадници на МВР, затоа што и тие имаат критериуми дали може еден објект да се обезбедува полесно или потешко. Доколку укажат на тоа дека некој објект може потешко да се обезбедува, спремни сме да ги префрлиме лицата“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Нема потреба од тревога за вирусот, граѓаните треба да ги почитуваат сите мерки за заштита од болеста, а државните власти да се во состојба на приправност, порача регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Клуге. Во моментов, во светот има над 81 илјада случаи заразени со вирус, во 46 држави, од кои 20 земји се од европскиот регион.
„Во последните 24 часа има уште седум дополнителни земји каде што се јавија случаи, значи на тие 20 уште седум. Но, да не заборавиме дека од вкупниот број случаи 97 насто се во Кина. Ова е важно да се каже затоа што треба да се има предвид она што се нарекува пропорционална реакција“, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге.
Клуге оцени дека македонските здравствените власти ги спроведуваат препораките од СЗО. Дури и пред да биде забележан првиот случај, дополни, беше формиран мултисекторски комитет за итни ситуации. Додаде дека и заедно со помош на СЗО беше направена проценка на капацитетите, не само на човечките ресурси, туку и на неопходна инфраструктура.
Ана Јосифоска- Тодоровоска
