СДСМ и Беса во предизборна коалиција
Падна договор за првата предизборна македонско- албанска коалиција за предвремените парламентарни избори. Лидерите на СДСМ и на Беса, Зоран Заев и Билал Касами, потпишаа декларација за соработка. При договарањето за заеднички настап на изборите целта е да се освојат 61 пратеник. Двајцата лидери засега не откриваат детали за распоредот на пратеничките листи. Договорено е двете партии на изборите да настапат со заедничка програма која ќе понуди реални проекти за граѓаните...

Лидерите на СДСМ и на Движењето БЕСА, Заев и Касами ја промовираа предизборната коалиција. Двајцата ја оценија како победничка на предвремените парламентарни избори. Заев ја оцени како историски момент за демократијата и плурализмот во државава. Нашата визија е економски силна и стабилна земја, праведна држава, членка на НАТО и ЕУ, потенцира лидерот на СДСМ. Заев е убеден во победата на 12-ти април. Беше категоричен дека нема да дозволи уцени и прифаќаме непринципиелни преговарања и договарања. Заев и Касами не откриваат детали за распоредот на пратеничките листи, но неофицијално првиот човек на Беса ја добива 6-тата изборна единица, а партијата ќе има добитни позиции и на листите за „единицата“, „двојката“ и за „петката“.
Лидерот на Беса, Касами, верува дека заедничкото делување ќе донесе уште подобри резултати. Потенцира дека продолжува заедничката борба на патот до ЕУ, за реформите во правосудството, за подобра економија.
Лидерот на СДСМ не ја затвора вратата за соработка и со другите партии, освен со ВМРО-ДПМНЕ, се додека како што рече Заев, на чело на партијата е Мицкоски и не се реформира целосно. Од таму пак со краток одговор- нека им е со среќа коалицијата. Лидерот на партијата Мицкоски не открива детали за можна соработка и со која партија. Мала е веројатноста тоа да биде и некоја од албанскиот блок.
Лидерот на СДСМ, Заев проговори и за соработката со ДУИ, оценувајќи дека иако во 2016-та помогнале да се ослободиме од како што рече заробената држава, кај интегративците останале последици од предходната соработка со ВМРО-ДПМНЕ. Од ДУИ велат дека во албанскиот блок некои партии се водат од лични и партиски интереси. Не се коментира можно продолжување на соработката со СДСМ по изборите.
Минатата недела, Алијанса на Албанците на Села и Алтернатива на Гаши први потпишаа договор за предизборна коалиција.
Милчо Велески
