Тричлено семејство од Сенокос во пожар загуби сѐ што имаше
Трагедија во Долненско. Тричлено семејство во пожар ги загуби куќата и сета покуќнина. Остана на улица. Наместо да му се радува на првото дете кое со години го очекуваа, скромното семејство се прашува како да преживее. Секоја помош од институции и поединци е повеќе од добредојдена...
Тричленото семејство Димоски од Сенокос, Долненско, остана без покрив над главата. За миг, во вторничната вечер, пожарот им зеде сѐ што спечалиле. Пламените јазици почнале од таванот. Глетката била тешка и стравична.
Дошла противпожарната единица, ама не можела да интервенира додека ЕВН не ја исклучи струјата што може да потрае и се губи драгоценото време.
52- годишниот Димоски живее со сопругата Орнела и 84-годишната тешко подвижна мајка. Приход им е социјалната пензија од 6.000 денари. Садат тутун, нешто жито, да преживеат. Семејството, конечно, по повеќе обиди, го чека првото дете, ама остана на улица. Се обратиле до локалната самоуправа на Долнени. За да поднесат барање и да добијат каква- таква помош, треба да се собере документација. Во меѓувреме, Димоски отворено упатува апел. Неопходна е помошта на сите дорбонамерници.
Наместо да ѝ се радува на првата рожба, семејството Димоски од долненско Сенокос, мора да се прашува како да преживее.
Елизабета Митреска
