Кривичен суд

Мијалков и Алексовски сведочеа за „Монструм“, следното рочиште на 10-ти март

27.02.2020 16:15

Со сведочење на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков денеска во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за предметот „Монструм“ за убиството на четирите момчиња и рибарот кај Смилсковското Езеро на 12 април 2012-та. Сведочеше и поранешниот советник за национална безбедност, Синиша Алексовски...

„За петкратното убиство кај Смилковското Езеро дознав половина час по трагичниот настан. Истрагата ја водеа Бирото за јавна безбедност и Обвинителството“, рече поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. УБК била ангажирана во собирање на информации. Прашан дали за настанот знаел пред да се случи, одговори дека немал такви информации.

Поранешниот советник за национална безбедност, Синиша Алексовски рече дека добил усна информација од полицискиот службеник Зоран Трајковски дека има движења на екстремистички групи кои би можеле да нападнат полициски станици, но таа не му била потврдена. Имал три средби со родителите на убиените деца и дека биле на нивна иницијатива. Алексовски рече дека се сретнал двапати и со лидерот на СДСМ, Заев на кого му предочил извештаи и побарал да не го злоупотребува неговото име, а за информациите кои ги имал за возилото и мобилниот телефон, да ги преиспита.

Според адвокатката ивановска со сослушувањето сведоци нема нови моменти за случајот. Адвокатот Рауфи вели дека по денешните искази на сведоците, не станувало збор за радикален ислам и ќе барал декласификација на извештаите.

Рочиштето за „Монструм“ ќе продолжи на 10-ти март, со сослушување нови сведоци.

 

Наташа Гркова- Петрушевска