Здравство

Филипче: Сопатниците на пациентката со Ковид-19 во изолација, се очекуваат резултати за уште едно лице

27.02.2020 16:54

Сопатниците кои биле со инфицираната патничка се во изолација, вели министерот Филипче. Според шефот на штабот за справување со корона вирусот, се очекуваат резултати за уште едно лице. Во земјава, по увидот во состојбата во Италија, пристигна и шефот на Светската здравствена организација за Европа, Клуге. Тој оцени дека земјата е подготвена соодветен третман на вирусот...

Деветтемина патници кои биле во комбито со 50- годишната Македонка заразена со Ковид-19 немале контакти со повеќе луѓе, освен со семејствата. Станува збор за 12 лица кои се во соодветна домашна изолација, вели министерот за здравство Филипче. Не смеат да ги напуштаат домовите, а ги посетуваат само екипи на Црвениот крст и епидемиолози. Пациентката која се лекува на Инфективната клиника има лесна клиничка слика, нема знаци за компликации и се лекува во одделот за изолација.

„Црвениот крст има јасен начин како се предава и додава храната и водата. Денеска испративме повторно екипи од Центарот за јавно здравје, епидемиолози да ги посетат, затоа што тоа е сепак една новонастаната ситуација. Имаат одлична комуникација, во добра состојба се, целосно ја разбираат потребата од изолација. Помеѓу нив има и две деца околу 4 годишна возраст. Ниту еден од изолираните во овој момент нема симптоми. Изолацијата не важи доколку пациентите покажат симтоми, тогаш ќе бидат спроведени во изолација на болничко лекување“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Нема потреба од тревога за вирусот, граѓаните треба да ги почитуваат сите мерки за заштита од болеста, а државните власти да се во состојба на приправност, порача регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Клуге. Во моментов, во светот има над 81 илјада случаи заразени со вирус, во 46 држави, од кои 20 земји се од европскиот регион.

„Во последните 24 часа има уште седум дополнителни земји каде што се јавија случаи, значи на тие 20 уште седум. Но, да не заборавиме дека од вкупниот број случаи 97 насто се во Кина. Ова е важно да се каже затоа што треба да се има предвид она што се нарекува пропорционална реакција“, изјави регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге.

Клуге оцени дека македонските здравствените власти ги спроведуваат препораките од СЗО. Дури и пред да биде забележан првиот случај, дополни, беше формиран мултисекторски комитет за итни ситуации. Додаде дека и заедно со помош на СЗО беше направена проценка на капацитетите, не само на човечките ресурси, туку и на неопходна инфраструктура.

Ана Јосифоска- Тодоровоска