Нови правила за производство на сирово млеко
Доколку сакаат да го продаваат, во иднина, сточарите ќе мораат да го намалат бројот на бактериите во млеко од фармите. Оваа обврска треба да стапи на сила до крајот на годинава и ќе мора да се почитува. Фармерите се плашат дека повторно ќе работат со загуби бидејќи откупните цени не се менуваат, без разлика на повисокиот квалитет на млекото...
Нехигиената при молзење и несоодветното чување на млекото кај малите фармери се главните причините за лошиот квалитет на производството. Сточарите со една до пет крави кои претставуваат 80 проценти од вкупниот број на фармите кај нас, велат дека за нив е голем трошок да вложуваат во лактофризери и во затворени системи за молзење.
Во државава само 2 отсто од фармите го задоволуваат потребниот квалитет на млекото во однос на вкупен број на бактерии. Доколку до крајот на 2020-та сточарите не ја испочитуваат оваа законската регулатива тие нема да можат да го предаваат млекото, велат експертите.
Според нив вината зошто не се подобрува квалитетот на млекото се бара и кај млекарниците кои не плаќаат повеќе за поквалитетното млеко и што нема повисоки субвенции за производ со повисоки стандарди.
Земјоделците сметаат дека им е поребна едукација, а со воведување на посебни субвенции за квалитетот на млекото, ќе бидат мотивирани да произведуваат безбедна сировина.
Методија Трајков
