Владата ќе одлучува дали ќе забрани јавни собири и натпревари поради коронавирусот
Комисијата за спречување заразни болести препорачува да се ограничат масовните јавни собири, согласно Законот за спречување на заразни болести. Владата на денешната седница треба да донесе одлука. Засега нема нови случаи на лица позитивни на коронавирус во земјава. Во моментов се чекаат резултати од тестирање на едно лице...
Владата на денешната седница ќе одлучува дали ќе забрани масовни јавни собири без разлика дали се организираат на отворен или затворен простор, како спортски настани, но и претстојните планирани карневали во Струмица и Прилеп, со цел превенција на ширење на коронавирусот.
„Ние како Министерство за здравство предлагаме оваа мерка да важи најмалку една недела, со можност во кој било момент да се донесе и друга мерка во зависност од тоа како ќе се движи ситуацијата од случувањата во регионот“, рече на денешната прес-сконференција министерот за здравство Венко Филипче.
Нашиот предлог, додаде Филипче е да се забранат сите јавни собири каде има голема број луѓе, дали се во затворен или отворен простор.
„Сметам дека треба да се откажат сите гоелми јавни собири вклучително и спортските натпревари“, истакна министерот за здравство.
Тој појасни дека вчера Комисијата за спречување заразни болести одржала состанок, од каде произлегла препораката да се ограничат масовните јавни собири, согласно Законот за спречување на заразни болести.
Филипче информираше дека засега нема нови случаи на лица позитивни на коронавирус во земјава. Во моментов се чекаат резултати од тестирање на едно лице кое на 22-ри февруари се вратило од Италија во Струмица.
