ОЈО нема да отвори предмет за МРП вакцините
Во предметот, како што информираат од ОЈО, се испитуваа евентуални неправилности околу увозот, рокот на употреба и евентуално предизвикани штетни последици од вакцините.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе резолуција дека нема место за јавнообвинителска интервенција во предметот оформен по допрен глас во врска со увозот, дистрибуцијата и употребата на МРП- вакцината во периодот од крајот на 2018 до почетокот на 2019 година, бидејќи овој настан не ги исполнува елементите на кривичното дело.
Во предметот, како што информираат од ОЈО, се испитуваа евентуални неправилности околу увозот, рокот на употреба и евентуално предизвикани штетни последици од вакцините. Дополнително за истиот настан кривична пријава поднесе и Здружението на граѓани за заштита на човековите права „Здравје со игла не влегува“ од Кичево.
По оформувањето на кривичниот предмет, како што соопштуваат од Обвинителството, надлежниот јавен обвинител издаде наредба – да се извршат проверки во правното лице „Македонија лек“, увозник и дистрибутер на вакцината МРП. Проверки се направени и во Агенција за лекови и медицински помагала – МАЛМЕД, во поглед на извршениот увоз и дистрибуција на вакцината МРП. Извршени се проверки и во Министерството за здравство како ресорно министерство.
Дополнително, надлежен јавен обвинител наредил да се обезбедат како материјален доказ и предметните вакцини и да се чуваат под соодветни услови, за да не дојде до нивно контаминирање, а заради целите на кривичната постапка. Направени се испитувања за квалитетот на вакцините во Пол Енрлих Институтот од Ланген, Германија, со кои се потврдува фармацевтскиот квалитет на лекот.
Со оглед на тоа што по извршената стручна проценка и добиените резултати е констатирано само надворешно несовпаѓање на податоците на налепницата кое не влијаело на квалитетот на лекот, надлежниот јавен обвинител одлучи дека пријавениот настан не ги исполнува елементите на кривичното дело- Производство и пуштање во промет штетни средства за лекување од член 212 од Кривичниот законик, ниту на кое било друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, стои во соопштението од ОЈО.
