Продолжи судењето за „Рекет“, исказ даваат сведоци на Боки 13
Јовановски ги повлекол од листата на сведоци бизнисменот и ексградоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“ Цветан Панделески, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче.
По минатонеделните две одложувања, денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски- Боки 13 и Катица Јанева. На денешното рочиште исказ треба да дадат сведоци предложени од одбраната на Јовановски.
Јовановски ги повлекол од листата на сведоци бизнисменот и ексградоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, синот на осомничениот бизнисмен во „Империја“ Цветан Панделески, Дејан, и сопругот на пратеничката Фросина Ременски, Јовче. Тие нема да сведочат за „Рекет“, соопшти судијката Васка Николовска- Масевска на почетокот на судењето. Ќе сведочат Сергеј Варошлија, Марија Јанковска и Александар Кртов.
Рочишта за предметот „Рекет“ се закажани до 10 април. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
