„Пријателите на проширувањето“ со поддршка за датум за старт на преговори
Претставници на групата земји- членки на Европската унија „Пријателите на проширувањето“, со јасен сигнал на поддршка за одредување датум за старт на преговорите на земјава со ЕУ. Средбата со шефот на македонската дипломатија е во пресрет на дискусиите во Советот за општи работи на ЕУ за носење на одлуката за почеток на пристапните преговори на земјајва со Унијата. Ние испорачавме одржливи и реформски резултати, што е добра основа да има испорака и од Брисел, вели Димитров...
Група држави пријатели на проширувањето со отворена и јасна поддршка за почеток на преговори со ЕУ по позитивниот извештај за напредокот и новата методологија. Полска, Литванија, Латвија и Естонија се надеваат дека одлука за почеток на преговори ќе се донесе на Советот за општи работи на крајот од месецов.
„Има една етичка димензија за членството на земјите од регионот во ЕУ. Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во унијата“, изјави Јацек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска.
„Конечно да има испорака и од страна на ЕУ. Една јасна, недвосмислена, одржлива, опиплива одлука за пристапни преговори“, нагласи шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Дипломатите од четирите земји- членки го поздравија и скорото полноправно членство во НАТО, со што Северна Македонија во април на министерскиот состнок во Брисел ќе учествува како 30-та земја- членка на Алијансата.
„Ве сметаме за член на евроатлантското семејство веќе долги години и наскоро треба да станете не само де факто, туку и де јуре членка на НАТО“, рече Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Литванија.
Преставниците на Полска, Латвија, Литванија и Естонија не можат да ветат дека ќе има конзенсус за почеток на преговори на Советот за општи работи на ЕУ при крајот на март, но порачаа- можете да сметате на нас без разлика што ќе се случи. Ја охрабруваат земјава да продолжи со реформите со што ќе се убедат и скептиците за проширување на ЕУ. Ветија соработка и поддршка при преговорите.
Ирина Гелевска
