Кривичен суд

Случај „Рекет“: Сведочеа хирургот Јосифовски и возачот на Јовановски

04.03.2020 15:07

Судењето за случајот „Рекет“ продолжи со сослушување на сведоци, предложени од првообвинетиот Бојан Јовановски. Хирургот Тони Јосифовски кој два пати го оперирал Јовановски, одговори дека во 2016-та и 2018-та, двапати се сретнал со пациентот пред да се оперира, но и потоа, по успешната операција. Адвокатот на првообвинетиот, Сашо Дуковски, хирургот го прогласи за непријателски сведок...

Хирургот Тони Јосифовски сведочеше дека првообвинетиот Јовановски го познава две и пол години. Му извршил две естетски операции за намалување на килограмите. „Контактиравме телефонски, па дојде во болницата и му објаснив сѐ. За втората операција освен во болницата се среќававме и во кафе Лајф и кај него дома, најчесто по негово барање“, сведочеше хирургот. Негираше дека Милевски и Камчев инсистирале Јанева да се оперира во болницата на бизнисменот, како и дека Камчев барал Јанева кога ќе дојде на операција да влезе на посебни влезови.

„Дали ќе се согласите дека сте правеле преврски на Јовановски во куќата на Камчев?“, праша адвокатот Дуковски.

„Бојан не сакаше да доаѓа во болница. Одев кај него дома да му правам преврски, и ете можеби еднаш кај Камчев“, одговори хирургот Јосифовски.

„Повеќе пати сте биле во куќата на Камчеви и таму бил и Бојан?“- праша Дуковски.

„Да, многу пати. Но кога Бојан доаѓал јас сум си одел и не знам за што зборувале“- одговори Јосифовски.

Сведочеше и возачот на Јовановски, Стојан Арсовски. Раскажа дека во домот на Боки 13 во Орман доаѓале Камчева и Кичеец и дека по операцијата неколку дена не излегувал од дома. Детално раскажа што се случувало на денот пред Јовановски да биде приведен на граница, и како и претходните сведоци, рече дека тој ден Бојан одел на одмор во Грција.

„Немам видено потемелен претрес. Потоа ми кажаа дека во возилото треба да се одземе сѐ. Во куферите беа спакувани заедничките работи. Палта, панталони, чевли ми беа одземени, ми рекоа дека ќе ми се вратат, до денеска ниту ми ги вратиле, ниту некој ме побарал“, изјави сведокот Арсовски.

Тој рече дека го возел Јовановски до домот на Камчев, и оти впечатокот му е дека биле блиски пријатели. Катица Јанева ја познавал од телевизија. И на ова рочиште не изостанаа честите меѓусебни прекинувања и дофрлања на обвинителката Русковска, одбраната и самиот Јовановски.

Фиљана Кока