Здравство

Засилени превентивни мерки, нема новозаразени со Ковид-19

04.03.2020 15:12

Во последното деноноќие нема новотестирани од Ковид-19. Од денеска во училиштата достава на дезинфекциски средства. Министерот Филипче со апел до граѓаните непотребно да не патуваат во кризните региони. Лицата кои со Визер доаѓаат од Милано и Венеција на скопскиот и на охридскиот аеродром, во авионите ќе треба да пополнат здравствена карта за подобра контрола. Сѐ уште се во изолација осум кинески работници и двајцата лекари што беа на симпозиум во Шпанија...

Нема нови случаи на Корона вирус во земјава, ниту нови пациенти за тестирање од заразата, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Во добра здравствена состојба е единствената пациентка која се лекува на скопската Инфективна клиника. Се заострува контролата за лицата што доаѓаат од кризните региони во Италија. Ќе треба да пополнуваат здравствени картони.

На контролата ќе подлежат и македонски фудбалери што играат во италијанското Калчо. Во изолација пак, остануваат осумте кинески работници и двајцата лекари што беа на симпозиум во Шпанија. Нови земји во коишто е проширен вирусот се Андора, Латвија и Португалија. Во Србија, Косово и Албанија нема регистрирани пациенти.

Министерот за здравство потсети дека останува препораката за забрана од јавни собири до 6-ти март. Во петок надлежните ќе излезат со информации за евентуално продолжување во зависност од моменталната состојба. Во основните училишта почна дистрибуцијата на дезинфекционите средства.

 

Марина Тонева- Стојанова