ДЕБАТА: МИГРАЦИИ И БЕЗБЕДНОСТ

Ризик од продолжување на мигрантската криза, Југоисточна Европа може да стане камп за мигрантите

09.03.2020 13:05

Постои голем ризик од продолжување на мигрантската криза. Прогнозите се дека Југоисточна Европа може да стане камп за мигрантите. До 2050-та ќе има и до една милијарда баратели на азил кои доаѓаат од кризните региони во Африка или Средниот исток...

Бегалската криза доживеа своевиден пораз на Турско- грчката граница. Кристоф Бендер, заменик- претседател на Европската иницијатива за стабилност, вели дека ЕУ не успеа доволно да се ангажира во целиот мигрантски процес. Од таму, вели, е разбирлива фрустрираноста на Турција. Тој е убеден дека доколку нема договор во брзо време, најголем губитник ќе биде Западен Балкан, но и Грција, која се обидува да ги заштити портите на Европа. 

„Има голем ризик и нема решение во партнерството со Турција. И оваа состојба продолжува и затоа сакаме да имаме надзор врз границите. Тоа е нова состојба за целиот Западен Балкан, а и за Грција исто така. И може да се случи Југоситочна Европа да стане камп за мигрантите или за барателите на азил бидејќи Централна Европа не сака да ги прими“, изјави Бендер.

Прогнозите не ни се наклонети, предупредува координаторот на Прашкиот институт за безбедносни студии, Даниел Хелер. До 2050-та на европско тло ќе има милијарда баратели на азил од кризните региони како Африка или Средниот исток.

„Повеќето од овие луѓе најверојатно ќе доаѓаат во Европа и до Балканот. Треба да очекуваме вистински мигрантски бран во иднина. Тоа ќе предизвика секунадрен ефект на раселување на населението од југот кон северот и западот на Европа“, вели Хелер.

Помалку скептичен е директорот на Европското биро за политички консалтинг, Бернд Марин. Тој смета дека кога се зборува за движењето на бегалците некако се промашува темата.

„Во Австрија најмногу мигранти, лани имаше од Европа, тоа не беше исламска инвазија, тоа е ксенофобија и параноја. Лани немаше миграција од воените зони како што се Сирија, Авганистан и Ирак. И повеќе се враќаа отколку што имигрираа во Австрија“, изјави Марин.

Бендер посочи дека потребна е земјите да се отворат за другите одговорајќи на барањата, пред сѐ на оние кои бараат заштита. „Турција сега има 3,6 милиони бегалци, но една Данска на пример не сака да прими 3,6 милиони мигранти од Турција“- тоа е суштината, додаде Бендер.

На Турско- грчката граница со денови се води „политички спор“ врз грбот на ранливи луѓе, особено многу деца. Единствено Германија најави дека планира да поддржи одреден број од загрозените деца.

 

Фиљана Кока