Уште два дена увид во Избирачкиот список и пријавување на дијаспората за гласање

10.03.2020 11:10

До вчера во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК своите податоци ги провериле 7.526 граѓани...

Увидот во Избирачкиот список за гласањето на предвремените парламентарни избори на 12-ти април завршува утревечер на полноќ, а до вчера во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК своите податоци ги провериле 7.526 граѓани. Дотогаш е отворена и можноста за проверка на податоците на избирачите, бришење или дополнување во Избирачкиот список.

Нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.

Рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на македонските државјани за гласање на изборите на 12-ти април завршува исто така на 11-ти март на полноќ. До вчера за гласање во дијаспората се пријавиле 4.299 македонски државјани во странство.