Познати носителите и кандидатите за пратеници на коалицијата СДСМ- Беса
Познати носителите и кандидатите за пратеници на коалицијата СДСМ- Беса. Заев ќе ја предводи листата во четворката. Носители на листите ќе бидат премиерот Спасовски, актуелниот шеф на дипломатијата Димитров, партискиот генерален секретар Николовски и министерка за одбрана Шеќеринска. Шестката ќе ја предводи лидерот на Беса, Касами. На синоќешниот конгрес презентирана и изборната програма „Можеме“...
Никола Димитров, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска и Билал Касами од Беса се носителите на кандидатските листи на коалицијата предводена од СДСМ за претстојните предвремени парламентарни избори.
Ова се луѓето кои даваат збор и пред мене и пред вас дека ќе работат одговорно, чесно и отворено во процесот на продолжување на успешните политики, изјави лидерот на Социјалдемократите, Зоран Заев, на крајот од 24-от партиски конгрес. Тој пред делегатите ја презентираше изборната програма „Можеме“, која се состои од пет столба: 100.000 нови работни места и раст на платите, Грижа за сите, Ред, дисциплина и правда, Ние сме НАТО- одиме кон ЕУ и Сите за еко-држава.
Нема да застанеме со реализација на мерки и политики важни за државата. Нема да дозволиме враќање назад, нема да дозволиме напредокот и развојот да бидат загрозени. Не, сите ние ќе продолжиме уште повеќе и уште подобро- порача Заев пред присутните делегати. Рече дека е убеден оти со ваква понуда ќе бидат победници на 12-ти април.
На првите две места на секоја од листите се наоѓаат машко- женски тандеми, како отсликување на заложбата за еднаква родова застапеност.
Миле Ристески
