Големи загуби во туризмот поради коронавирусот
Странските гости ги откажаа аранжманите за престој во Македонија до јуни. Коморите бележат загуби и до 80 отсто. Бараат државата привремено да ги ослободи од плаќање придонеси за шест месеци и формирање Фонд за штети...
Откажувањата и одложувањата на туристичките аранжмани го замрзнаа туристичкиот сектор. Се откажуваат патувањата за Велигденските празници. До јуни се откажани и сите најавени странски тури во земјава. Од коморите бележат загуби од 60 до 80 проценти. Апелираат за поддршка од државата. Меѓу барањата на хотелиерите и туристичките агенции се ослободување од придонесите во период од шест месеци и намалување на данокот за храна од 18 на 5 насто.
Од Националната асоцијација за дојдовен туризам велат дека сите држави преземаат мерки за да ги задржат луѓето во туристичкиот сектор на работа. Словенија веќе одвоила пари за поддршка.
Според хотелиерите, годинава очекувале богата сезона. Посочуваат дека ќе се следат светските мерки. Претпазливо се следи ситуацијата.
Министерството за економија веднаш одговори на барањата. Оттаму посочија дека земјава како и другите во светот се соочува со последиците од Ковид-19. Владата работи во насока на превенција и намалување на бројот на заразени. Според сознанијата, штетите во туризмот ќе бидат најголеми. Сепак, приоритет е здравјето на граѓаните. Туристичките здруженија и комори ќе треба да достават анализа на штетите.
Дијана Ценевска
